Monday, December 29, 2014

Хидропоника – одгледување без почва

Хидропониката претставува одгледување на растенија во течен раствор од вода и неопходните минерални хранливи елементи за конкретниот вид. Овој вид на производство е сличен на тоа што го прават нашите мајки и баби за размножување на одредени видови цвеќиња во нашите домови, со тоа што во овој случај се посветува поголемо внимание на достапноста на потребните микроелементи за поголем принос, особено кога станува збор за производство на прехранбени сорти. Во суштина, самата почва претставува обновлив извор на сите микроелементи потребни за непречен раст и развој на растенијата, што значи дека доколку на растенијата им се обезбедат потребните хранливи материи, тие можат да растат и да се развиваат без почва.
hidrop - 2

Предностите што ги има оваа техника на производство на храна се разноврсни. Така, на пример, со самото тоа што нема потреба од почва, а водата постојано циркулира во системот без значителни загуби, доведува до помали трошоци за вода. Според некои статистички показатели, во Америка при одгледување на градинарски растенија, потребното количество на вода при примена на хидропонската техника е за 80% помало во однос на класичното одгледување. Со оваа техника може да се одгледуваат растенија дури и на места во услови каде што нема почва. Исто така, животната средина не се загадува со испуштање на хранливите елементи при прихранувањето на почвата. Годишните приноси се постојани и високи, а како особена предност при хидропонското производство е тоа што болестите и штетниците се сведени на минимум, а и таму каде што се јавуваат многу полесно се отстрануваат за разлика од почвата, додека борбата со коровот воопшто не постои. Како недостаток може да му се препише појавата на салмонела и други патогени болести, поради високата влажност на воздухот во просториите, но тоа може да се регулира со постојано проветрување.
OLYMPUS DIGITAL CAMERA
Постојат два  вида на хидропонско одгледување, и тоа во раствор и одгледување во супстрат. При одгледувањето во раствор, не се користи цврст супстрат каде што корените би биле прицврстени, туку слободно би „пливале“ во течноста. Одгледувањето во раствор може да биде: одгледување со статичен раствор, техника на хранлив филм и аеропоника. Кај методот со одгледување во супстрат, во зависност од кореновиот систем, се користат и најразлични супстрати: чакал, песок, перлит, експандирана глина, камена волна и слично.
hidrop-3
Оваа техника на одгледување на растенија без почва, во светот е многу развиена, и таа станува составен дел од агрономијата. Само за илустрација, во САД има над 400 ха површина под стакленици, каде што се произведува зеленчук со примена на хидрпони.
Кај нас, примената на хидропоните сè уште е во почетна фаза. Сепак, самата технологија која е потребна за ваков вид на производство е доста скапа инвестиција, а е исплатлива само на подолг период.


  Универзитет ''Гоце Делчев''

No comments:

Post a Comment